• 11.04.2021 10:42

САРИСА

Прв македонски конзервативен портал

Човековите страсти – смрт за душата

Byurednik

Jan 27, 2021

Кога говориме за страстите, веднаш помислуваме на гревот. Да, тоа е таа нераскинлива врска која исто така постои и е поврзана со човековото себепознавање, односно непознавање во однос на тоа до која мера човекот може да оди во исполнување на своите страсти непознавајќи ја доволно својата граница на тоа што воопшто претставува страста и до каде може да оди во нејзиното исполнување или неисполнување.

За исполнувањето на страстите човекот понекогаш и не е самиот свесен, оцрнувајќи ги притоа својата душа и тело, а најчесто неразмислувајќи дека таквата штета најчесто влијае и врз други луѓе од неговото опкружување, како и на општеството воопшто. Во целата таа состојба, човекот станува заробеник на своите помисли и фантазии кои понатаму пак бесцелно и бескрајно се предаваат едни на други, хранејќи го навидум човековото задоволство тие всушност го водат во заточеништво и слепило. Страстите тајно виреат во луѓето кои живеат расеан, невнимателен живот со што ги задоволуваат, не ги забележуваат и ги оправдуваат, а најчесто ги сметаат за најчисти и највозвишени добродетели. Кога страстите ќе завладеат со човекот, умот, лишен од својата власт, им служи како услужлив и снаодлив слуга, за задоволување на нивните лукави, пробирливи и злобни барања.

Кога говориме за нивното неисполнување, најчесто тоа го поврзуваме со однесувањето и традицијата кои сме ги стекнале низ времето на нашето растење, без разлика дали е тоа плод на преземено воспитание од нашите родители, уличното другарување, образовниот процес или пак е тоа плод на нашата духовна преобразба стекната со нашето упатување кон верата преку Светата тајна Крштение. Кон неисполнување на страстите води долготрајното трпение и борбата која човекот ја води во себеси кон таквата цел. На тој начин, христијанинот го отфрла од себе јаремот на страстите и  добива сила и можност да им се спротивставува и да ги гази.

Секое спротиставување на дејството на страста доведува до нејзино слабеење, а постојаното спротиставување ја победува. Секое поведување по страста ја засилува, а постојаното поведување по неа во целост го поробува оној кој се поведува по неа.

Дејствувањето на страстите, кое го насладува телесниот човек, е тешко и мачно за духовниот човек во кого тоа поттикнува најсилна одвратност. При најмала појава или будење на страстите, тој бега како од лут ѕвер или од убиец, бега под заштита на молитвата, под покровот на евангелското учење, под Божјиот покров.

Кога страстите ќе завладеат со човекот, умот, лишен од својата власт, им служи како услужлив и снаодлив слуга на страстите, за задоволување на нивните лукави, пробирливи и злобни барања. Секоја страст се засилува при насладувањето со неа, при исполнувањето на нејзините беззакони барања прераснувајќи исполнета на дело, таа е вкоренета во душата така што долго е потхранувана наклонетоста кон неа до конечно стекнување власт над човекот. Потребно е многу време, потребен е голем подвиг, потребно е смирение стекнато преку разумна и искрена молитва до постигнување посебно Божјо милосрдие, посебна Божја помош за да биде отфрлена таквата воспоставена власт како резултат на човековиот пад во смртен грев или заради беззаконото и доброволно насладување со грев во скриената одаја на душата.

Светиот Јован Лествичник молитвата ја нарекол мајка на добродетелите, а смирението – уништувач на страстите.

Убиен со гревот во тајноста на срцето и привлечен од него до вратата на адот, таквиот човек на другите често им изгледа свет и мудар.

Телесниот човек, за разлика од духовниот, како заробеник на некоја страст воопшто и не размислува дека станува збор за оваа појава, за која духовниот човек веќе длабоко ја препознава за грев и се препушта на постојаната молитва за нејзино целосно искоренување.

Во целата таа збрка, што претставува страст, а што не, во исполнување на намерата за стекнување вистинско христијанско просветлување ги одвојуваме прељубата, прејадувањето, среброљубието, гневот, тагата, унинието, суетата и гордоста.

Прељубата претставува блудна распламтеност, блудни чувства и желби на телото, на душата и на срцето, примање на нечисти помисли, беседење со нив, насладување со нив, согласување на нив и долготрајно престојување во нив. Сето тоа се надополнува со блудните фантазии и робување на тие фантазии, нечувањето на сетилата, особено на допирот, што е дрскост која ги погубува сите добродетели. Кон прељубата припаѓаат и употребата на грди зборови и читање на сладострасни книги.

Прејадувањето како страст е предизвикана од прекумерното непотребно внесување храна, пијанство, нарушување на постите, тајно јадење, лакомост, нарушување на воздржувањето воопшто. Неправилна и претерана љубов кон телото водат кон самољубие, што води пак кон нарушување на верноста кон Бог, кон Црквата, кон добродетелите и кон луѓето.

Среброљубието пак наведува на љубов кон парите, љубов кон имот, подвижен и недвижен. Буди желба за богатење и размислување за средства за богатење, т.е. фантазирање за богатство. Среброљубието е предизвикано и од стравот од старост, ненадејно сиромаштво, болести, прогонства, скржавост, користољубивост. Неверувањето на Бог и недоверба во Неговата промисла исто така претставува среброљубие. Приврзаноста или болно претераната врзаност кон разни распадливи предмети, кои душата ја лишуваат од слобода, љубовта кон подароците, присвојување на туѓото, лихварството, кражбата, разбојништвото – само го надополнуваат списокот кон оваа страст. Одлика на среброљубието е и тврдото срце во однос на сиромашните браќа и кон сите на кои им е потребна помош.

Гневот и примањето на гневни помисли, карањето, размислувањето за освета, вознемиреноста на срцето и помрачувањето на умот со лутина кои водат кон непристојно викање, кавги, полемика, груби и неучтиви зборови, удари, туркање па дури и убиство исто така претставуваат страст. Кон оваа страст се надоврзуваат и злопамтењето, омразата, непријателството, осветата, клеветата, осудувањето, како и вознемирувањето и навредувањето на ближниот.

Тагата носи огорченост, тешкотија, откинување на надежта воБога, сомнеж во Божјите ветувања, неблагодарност кон Бог за сè што ќе се случи, малодушност, нетрпеливост, недостаток на самопрекорување, натаженост заради однесувањето на ближниот, негодување….

Унинието се поврзува со мрзливоста за секое добро дело, особено за оставање на постојаната молитва и недушекорисното читање. Униние значи и негрижа, непобожност, безделничење, но и претерано опуштање со спиење, излежување и нега на телото од секој вид, празнословие, невкусни шеги, хули. Оставање на поклоните и на другите телесни подвизи, заборавање на своите гревови, заборавање на Божјите заповеди, неработење, бесчувствителност, очај…

Суетата претставува барање на човечка слава, фалење,барање на земни почести, наклонетост кон убава облека, автомобили, покуќнина и послуга. Суетата произлегува и од срамот кога е во прашање исповедањето на своите гревови и криење на тие гревови пред луѓето и пред духовниот отец, а е во тесна врска и со лукавството, правдањето со зборови, оспорувањето и создавањето на сопствени сфаќања. Нам често познатото лицемерие, лага, ласкање, човекоугодување, завидување, понижување на ближниот, честата променливост на расположението, неискреност и несовесност – се е исто така суета.

Гордоста значи презир кон ближниот и ставање себеси на прво место. Гордоста носи со себе и дрскост, помраченост на умот и на срцето, приврзаност за земното, хулење, неверување, прелест. Лажно наречениот разум, лажната философија, непросветеноста, ереста, безбожноста, непокорноста на Законот Божји и на Црквата,читањето еретички, развратни и суетни книги, непокорноста на властите, водат кон оставање на Христоподдржувачкото смирение и молчење, губење на едноставноста, губење наљубовта кон Бог и кон ближните, а со тоа целат со смрт на душата.

Внимавајќи на себе ќе забележиме дека, штом сме си дозволиле доброволно да бидеме поразени во било што, веднаш потоа и против своја волја ќе бидеме поразени во нешто сосема друго, каде што не сме сакале да ја испуштиме победата, сè додека со внимателно покајание не ја обновиме својата слобода.