• 20.04.2021 16:44

САРИСА

Прв македонски конзервативен портал

Што е „Парлер“, социјалната платформа која технолошките гиганти ја блокираат?

ByJane Jancheski

Jan 11, 2021

Додека социјалните медиуми ги засилија проверките на објави кои шират дезинформации и поттикнуваат насилство по упадот на граѓани во американскиот Конгрес, милиони приврзаници на претседателот Доналд Трамп се префрлија на Парлер.

Апликацијата која се промовира под слоганот „водена од слободата на говор“ стана популарна кај корисниците кои се блокирани од Твитер, ситуација во која и самиот Трамп се наоѓа во моментов.

Технолошките гиганти од Силиконската долина буквално го елиминираа онлајн присуството на Трамп преку отстранување на неговите вирутелни мегафони во форма на Твитер, Фејсбук и Инстаграм профилите, а сега овие компании имаат заеднички став и против Парлер.

Амазон вчера соопшти дека ќе го отстрани Парлер од нивните сервиси за веб-хостирање, поради прекршување на нивните правилници. Тоа практично значи Парлер ќе го снема доколку не најде нови сервери за хостирање. Во моментов нивната интернет-страница е недостапна.

Паралелно Гугл и Епл ја отстранија оваа апликација од нивните онлајн продавници поради тоа што апликацијата не се бори против заканите за насилство.

„За ние да ја дистрибуираме оваа апликација преку Гугл Плеј бараме сите апликации да имаат воспоставено модерирање на штетни содржини. Во тек на постојаната алармантна закана по јавното здравје, ние ја суспендираме оваа апликација од нашата продавница додека не бидат адресирани овие прашања“, соопштиле од Гугл, пренесува Еуроњуз.

Епл истовремено соопшти дека ја забраниле Парлер на нивните сервиси за преземање апликации поради „содржини кои претставуваат закана за добросостојбата на другите, или имаат намера да поттикнат насилство и други нелегални дејства“.

Но што всушност е Парлер?

Еден од основачите на оваа апликација, конзервативниот програмер Џон Мац, изјавил дека ја основал оваа социјална мрежа во 2018 година со цел да понуди алтернатива на најпознатите социјални платформи која ќе биде „водена од слободата на говорот“.

Корисниците на оваа платформа можат да постираат „без страв дека ќе бидат отстранети поради нивните ставови“. Покрај ова, уште две правила се воспоставени на Парлер – не смее да има криминални активности и не смее да има спам содржини.

Со овие начела апликацијата се најде на врвот на листите на продавниците на Гугл и Епл, достигнувајќи на првото место според бројот на преземања во последните месеци на 2020 година.

Бројот на корисниците пораснал од 4,5 на 8 милиони по американските избори откако Фејсбук и Твитер презедоа поголеми акции за спречување на политичките дезинформации. Активноста на Парлер во тие моменти била 20 пати повисока од претходно.

Иако претседателот Трамп сè уште нема профил на оваа платформа, некои многу познати конзервативци се приклучија на мрежата. Меѓу нив и адвокатот на Трамп, Руди Џулијани, политичкиот коментатор на Фокс Њуз, Шон Хенити, како и сенаторот од Тексас, Тед Круз.

Парлер многу потсетува на Твитер. Наместо ретвитови, користи „ехоа“ за споделување на објавите, а наместо сините крукчиња со кои Твитер ги означува „потврдените инфлуенсери“, Парлер користи жолти медали за истата намена. Во некои случаи, кога објави ќе ги снема на Твитер, тие повторно се појавуваат на новата платформа.