• 22.04.2021 01:30

САРИСА

Прв македонски конзервативен портал

Јазикот на кој твориме и сонуваме, ќе биде она што ќе го обедини македонскиот народ

BySarissa Editor

Dec 11, 2020

Еден Македонец, родум Пиринска Македонија, во една прилика изјавил:

„Да го одрекуваш постоењето на Македонија и на Македонците значи да ја одрекуваш вистинитоста на Библијата, да ги негираш дејноста и посланијата на најголемиот меѓу Апостолите, Апостолот Павле“ – академикот Ѓорѓи Поп Атанасов, теолог и изучувач на старословенската писменост и старите ракописи.

Македонија и Македонците се споменувани многупати во Библијата и тоа е неспорен факт.

Водејќи се по податокот дека современата наука го потврди значењето на Библијата како првокласен трезор на историски факти, како автентична ризница на веќе потврдените историски вистини, прашувам кој ѝ го дал правото на една Бугарија, Грција, Србија, Албанија или било која друга земја, да го негира постоењето на Македонецот и сите компоненти од идентитетот на еден народ?

Исто така, прашувам кој му го дал правото на било кој Македонец да го негира фактот дека сме Македонци, родени во Македонија кои зборуваат македонски јазик?

Од библиска земја до земја која еден „трговски патник” ја распродава…

Ете, таква е судбината на Македонецот и неговата татковина. Ете, тоа е проклетството на Македонецот. Да знаеш кој си, од каде си, да знаеш каков јазик зборувал твојот дедо, но сепак да си негиран. И ти и тој. И секој пред него и секој по тебе. Проклетство кое не запира! Проклетството е во тоа што Македонецот мора секому да докажува постојано дека е Македонец, кој нема никакви претензии кон ниту еден друг народ, само бара да не му се гази по сопственото, зашто јазикот на кој размислува, твори, сонува, тоа е неговиот единствен мајчин јазик.

A нам мајчин јазик ни е македонскиот, но не како бугарски дијалект, туку како единствен јазик, зборуван од Македонците. Јазикот на кој прозборел, но и јазикот преку кој ќе се обедини со својот брат по татковина.

Го пишувам ова со голема желба за обединување на македонскиот народ, а за крај ќе го цитирам големиот Анте Поповски, Македонецот кој беше член на престижната Светска академија на поезија, под покровителсво на УНЕСКО:

„Македонската историја и македонскиот национален опит поучуваат дека сè дури како нација сме единствени во одбраната на нашето духовно и национално битие-нема сила која ќе може да нè скрши и фрли во очај“.

Колумна на Стефани Денковска

Клуб на млади конзервативци