• 31.07.2021 16:15

САРИСА

Прв македонски конзервативен портал

Ќе има ли странски туристи летово во Охрид?

ByHristijan Risteski

Mar 11, 2021

Поради актуелната ситуација со ковид-19 сè уште е неизвесно дали ќе имаме странски туристи летово. За таа цел Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот (АППТ) заедно со Министерството за економија и со туристичките комори подготвува промотивна кампања – Македонија безбедна туристичка дестинација, која ќе започне да се спроведува на крајот на март. Целта на оваа кампања е да се привлечат што поголем број странски туристи, а фокусот и оваа година ќе биде ставен на гостите од регионот.
Како што изјави директорот на АППТ, Љупчо Јаневски годинава најголемо внимание ќе се посвети на безбедноста на дестинацијата, односно колку во земјата се почитуваат мерките и препораките за заштита од ковид-19 и колку таа е безбедна за туристите.
– Една третина од светските дестинации се затворени за затворени за патување, а голем број европски земји се целосно затворени. Во Македонија туристите од европските земји можат да влезат без ПСР тест, но поради рестриктивната политика на ЕУ кога ќе се вратат во своите матични земји треба да останат 14 дена во карантин. Во овој момент светските туристички дестинациите се трудат да вакцинираат што поголем број на граѓани се со цел да ги заштитат и да имаат поголема безбедност како за своите граѓани, така и за туристите, вели Јаневски.
И 2021 година ќе помине во знакот на борба со пандемијата и закрепнување на економијата и туризмот. Фокусот ќе биде ставен на гостите од регионот и на дестинациите од кој е возможно да ни дојдат туристи.
-Очекуваме обновување на авиолиниите и поголем број туристи од традиционалните туристички пазари, Турција, Холандија и Полска. Патувањата ќе бидат во мали групи и во мали сместувачки капацитети. Освен во летните туристички центри се очекува и зголемување на бројот на туристи во руралните средини со фокус на природата, гастрономијата, традицијата, додава Јаневски.
Ако се подобри состојбата со ковид-19 годинава се очекува зголемување на бројот на ноќевања за 20 до 30 отсто и прилив од туризмот од околу 300 милиони долари. Минатата година приливот од туризмот беше 252 милиони долари, што е пад од 36 отсто во споредба со 2019 година, која беше една од најдобрите години за македонскиот туризам.