• 25.06.2021 14:55

САРИСА

Прв македонски конзервативен портал

13то биенале на млади уметници во Музејот на современата уметност

Bysrs-editor

May 14, 2021

На 13-тото меѓународно биенале на млади уметници, со наслов „Страст за лутање“, во организација на Музејот на современата уметност – Скопје, кое почнува на 19 мај, ќе бидат изложени дела на повеќе од 30 локални, регионални и меѓународни уметници. Селектирани се дела на уметници од Македонија, Србија, Косово, Хрватска, Босна и Херцеговина, Италија, Аргентина, Турција, меѓу нив уметници со стекнато образование на уметнички универзитети во Англија, Холандија, Германија, Словенија, Франција и во Италија.

Биеналето ќе се отвора последователно на четири локации во Скопје. Па, така, на 19 мај, во 20 часот, ќе се биде отворањето на изложбената поставка во Музејот на современата уметност – Скопје. На 20 мај, во 20 часот, публиката е поканета да ги види делата на млади уметници, кои ќе бидат изложени во Природонаучниот музеј, а на 21 мај, во 20 часот, ќе се биде отворањето во Музејот на Македонија. Изложбената поставка во зградата на Управата за хидрометеоролошките работи ќе биде отворена за посетители на 22 мај со почеток во 13 часот. Сите настани во овие институции ќе бидат придружени со музичка програма, на која ќе настапат со свој диџеј-сет Мартина Пенева, Aka Thesaur, Еми Ермилова и џез-составот „Светлост“.

Целта на годинешното биенале е да се прошири надвор од архитектурата на МСУ вклучувајќи институционална соработка со Музејот на Македонија, Природонаучниот музеј и зградата на Управата за хидрометеоролошките работи степенувајќи ја важноста на овие простори како примери за модернистичко архитектонско наследство на градот Скопје и на потенцијалот на тоа наследство, кој е насочен кон иднината и непознатото и кој повикува на талкање кон други простори и времиња.

„Биеналето како мултидисциплинарен настан е еден од значајните настани од областа на современата уметност, првенствено поради тоа што негова цел е да наоѓа начини и создава простори преку кои ќе ги претстави најновите уметнички насоки на надоаѓачката генерација уметници и куратори. Биеналето го насочува вниманието на стручната и пошироката јавност кон делата на новите имиња на локалната и интернационалната уметничка сцена, има цел да ги поддржи и поттикне креативните иницијативи на уметниците и кураторите од новата генерација и создава услови за нивно јавно изразување и развој на современата уметничка сцена“, вели кураторскиот тим на МСУ.

Биеналето на млади, освен изложбена, содржи едукативна и дискурзивна програма, со кои преку низа активности ќе ги препознае младите автори, ќе им овозможи да стекнат соодветно знаење, ќе ги инволвира во процес што ќе ја профилира нивната работа и ќе им помогне во нивното натамошно ангажирање и претставување пред јавноста, велат од таму.

Во рамките на едукативно-дискурзивната програма ќе бидат организирани серија предавања и работилници посветени на млади куратори и уметници, како и предавања посветени за млади уметници, каде што ќе се претстават дела на уметници, кои излагале на биеналиња во последните години и како тие може да аплицираат и да се вклучат на некое биенале.