• 15.04.2021 09:27

САРИСА

Прв македонски конзервативен портал

81 година од издавањето на „Бели Мугри“ на Кочо Рацин

ByJane Jancheski

Nov 25, 2020

Денес (25 ноември) се навршуваат 81 година од објавувањето на најпознатата збирка поезија во македонската книжевност. На 25 ноември 1939 година во печатницата на Драгутин Шпулер, во Самобор, Република Хрватска, во 4 000 примероци, на 31 страница е отпечатена збирката поезија „Бели мугри“ на Коста Солев Рацин.

„Бели мугри“ претставува едно од најзначајните поетски дела во македонската современа литература, составена од 12 песни напишани на велешки дијалект во кои доминираат социјалните и револуционерните теми. Насловот е симболичен – означува ново утро, нов почеток кој бил посакуван од работниците, аргатите, експлоатираните луѓе, а создадена е под влијание на народната поезија, како и на „Зборникот“ на браќата Миладиновци.

Нема кој не ги слушнал стиховите на добро познатите „Денови”, „Печал”, „Селска мака”, „Тутуноберачите”, „Ленка”, „Проштавање”, „Балада за непознатиот”, „Елегии за тебе”, „Утрото над нас”, „Татунчо”, „На Струга дуќан да имам” и „Копачите”. Ова дело е своевиден културолошки феномен кој одигра огромно влијание на генерации поети и писатели посветени на развојот на македонската литература, а Коста Солев Рацин се смета за основоположник на современата македонска литература.