• 19.09.2024 17:17

САРИСА

Прв македонски конзервативен портал

На денешен ден 1 Јануари 1941 починал Петар Поп Арсов

На денешен ден 1 Јануари 1941 во Софија починал Петар Поп Арсов.

Заедно со Даме Груев, Поп Арсов во 1893 е главен иницијатор за основање на Македонската револуционерна организација (МРО), која подоцна ќе биде позната и како ВМРО.

Петар Поп Арсов е роден на 14 Август 1868 год. во селото Богомила, Велешко.

Основно образование завршил во родното село Богомила, школувањето го продолжил во Велес каде завршил трикласно ниже гимназиско образование, а потоа се запишал во Солунската егзархиска гимназија.

Кога бил седми клас гимназија, во учебната 1878/1888 клас во Солун се случил познатиот бунт на учениците Македонци, кои побарале да биде исфрлен бугарскиот јазик на кој им било предавано во гимназијата, и тие да учат на својот мајчин народен македонски јазик.

Водачи на бунтот биле Даме Груев и Петар Поп Арсов, и набрзо после бунтот од училиштето биле исклучени 18 ученици Македонци, меѓу кои и двајцата водачи.

Откако ќе бидат исклучени поради својот македонизам, Даме Груев и Поп Арсов школувањето ќе го продолжат во Белград, но и таму ќе формираат слична група, па исто така предвреме ќе го завршат школувањето.

После тоа, поголема група студенти Македонци кои ќе бидат исклучени од Белград ќе се префрлат на школување во Софија.

Во Софија Поп Арсов студирал прва и втора година на филолошкиот факултет, а потоа се запишал вонредно и на филозофски факултет.

Даме Груев и Петар Поп Арсов во 1891 година во Софија ќе го основаат Македонското студентско друштво, кое било предвесник на идната Македонска револуционерна огранизација.

Основните цели на Македонското студентско друштво биле:

  1. Ослободување на Македонија од турското ропство.
  2. Формирање на револуционерна организација во Македонија.
  3. Врбување на истомисленици и нивно спроведување во Македонија
  4. Издавање на весник кој ќе се спротистави не само на турскиот терор, туку и на туѓите пропаганди – бугарската, српската и грчката.

Во март 1891 година, по убиството на бугарскиот министер за финансии Белчев, бугарските власти ги уапсиле Дамe Груев и Никола Наумов, и поради тоа друштвото решило да се самораспушти за да бидат избегнати предвремени жртви.

Неколку месеци подоцна од ова друштво ќе произлезе лозарското движење.

Во јануари 1892 година новоформираната Млада македонска книжовна дружина, чии членови биле и Даме Груев и Поп Арсов, во Софија го објавуваат првиот број на својот весник „Лоза“ и по неговото име целото двожење го добива називот Лозари.

Уште во првиот број во „Лоза“ се објавени текстови и статии за Македонците и за македонската кауза, за потребата од создавање посебна македонска литература, за тоа дека Македонците се посебен народ и дека треба да имаат своја посебна држава.

Бугарите веднаш ја виделе опасноста од новиот весник, и во бугарскиот весник „Свобода” на 18 февруари 1892, ја алармирале бугарската јавност со следните зборови:

„ Луѓето овде имаат други цели – да создадат нов литературен македонски јазик… Следствено, прашањето се сведува кон стремежот да се воведе литературен сепаратизам што природно го влече по себе и политичкиот… во бугарската престолнина, во срцето на Бугарија излегуваат луѓе што се силат да ги расипат плодовите на толкугодишните усилби, да докажат дека Македонските Бугари се одделна нација, со посебен јазик, со посебни историски задачи!”.

Бугарскиот весник „Свобода” ги открива и основните цели на Лозарите :

„Од нивната статија ,Неколку белешки’ стр. 5, се гледа дека таа се вбројува ,кон денешниот преовладувачки елемент’, дека името на тој словенски елемент е ,Македонци’, дека Македонија е нивна татковина, дека таа е одделно господарство, чиешто минато е покриено со блесок и особено во времето на Филипа и Александра Велики…”.

После овие текстови бугарската власт на Стефан Стамболов го забранува весникот „Лоза“, а веднаш потоа и започнува да ги прогонува и апси Лозарите и успева да го растури лозарското движење.

По растурањето на Лозарите, Петар Поп Арсов се враќа во Македонија. Прво станува учител во Скопје, а потоа во Солун.

Во Солун во 1893, најпрво Даме Груев, Петар Поп Арсов и Иван Хаџи Николов формираат македонска револуционерна група, кон која подоцна ги приклучиле и Андон Димитров, Христо Татарчев и Христо Батанџиев, и потоа на 23 октомври сите заедно ја формираат Македонската револуционерна организација.

Мора да се подвлече дека главни иницијатори за формирање на ВМРО се Даме Груев и Петар Поп Арсов, кои уште со формирањето на Македонското студентско друштво, предвиделе формирање на Македонска револуционерна организација.

Само една година по основањето на МРО, организацијата ќе ја согледа опасноста од бугарската пропаганда во Македонија, и и во 1894 година се носи одлука да биде издадена брошура со која бугарската пропаганда во Македонија ќе биде целосно разголена.

Одлуката за создавање на брошурата е донесена за време на Јануарската средба (5 јануари 1894 год) на основачите на МРО, на која е избран и Централниот комитет на Организацијата, кој го определил Петар Поп Арсов да ја напише брошурата.

Бидејќи заради содржината на брошурата постоела опасност Бугарија да ги уапси или ликвидира основачите на ВМРО , Поп Арсов се потпишал со псевдонимот Вардарски, а како место на печатење е означена Виена, иако брошурата е печатена во Софија.

Главна задача на брошурата била да ја разобличи политиката на Бугарија и бугарскиот премиер Стефан Стамболов кон Македонија и Македонците, но и црковно – просветната пропаганда на бугарската црква (Егзархијата) во Македонија.

Затоа и во насловот на брошурата е ставено името на тогашниот бугарски премиер.

Петар Поп Арсов многу прецизно и детално ја разоткрива улогата на бугарската црква – Егзархијата во ширењето на бугарската пропаганда во Македонија.

Во брошурата Поп Арсов пишува:

„ Најважните служби Егзархијата им ги доверува на Бугари: владици, архимандрити, директори, инспектори, учители, деловодители, редакори итн. итн., а од егзархиска служба ги отстранува совесните Македонци против кои се употребуваат сите дозволени и недозволени средства да бидат изгонети надвор од својата татковина…

Егзархијата се стреми да го убие секое посамостојно движење во нас, да ја одземе секоја можност Македонците да се занимаваат со повозвишени општествени прашања, и на тој начин… да го стави народниот македонски дух во полна зависност од неа, да го огради како птица во кафез… да не окова во синџири за да не разигрува како мечка, и да не води таму, од каде добива голем бакшиш…

Егзархијата дава пари и купава ветер зашто народноста со пари не се купува – тоа е такво деликатно нешто, кое штом сети дека го пазариш изветрува…

Одземете му го на човека полето на дејствување – тој е веќе мртов: така и нашата “љубезна” Егзархија со своите два оддела, стремејќи се на нашите општини да им го одземе благородното поле за работа, преку својот авторитет, сака да ги умртви, да ги убие! … На помош, сите чесни Македонци! Дојдете да ги спасиме умирачките општини во Македонија, со што сакаат да не претворат во мртов труп за да си играат со нас, како што сакаат божемните наши браќа!

Нашите вековни господари никогаш не задирале во нашето општинско самоуправување: макар и под грчки владици, нашиот народ во општините бил слободен во издржувањето и уредувањето на училиштата, црквите, манастирите и други народно-општествени прашања; тука, во тоа свето гнездо, народот се воспитувал во општественост, во хуманизам и на својот дух му давал повозвишен елан, престанувајќи да се грижи само за својата лична егзистенција; тука, во тој единствен наш парламент, се чувал и зајакнувал стариот словенски демократски дух на нашиот народ – основата на патријархалниот словенски совет.

И точно таа наша општина – единствена народна установа што ја зачувала нашата национална и човечка физиономија низ петстотинигодишниот период, Егзархијата со секакви средства сака да ја претвори во нула, да ја задуши, да го задуши народниот дух! Може ли да има поголемо злосторство од тоа? …“

Веднаш по излегувањето на брошурата, во Бугарија се јавиле силни реакции против неа. Меѓу првите кои јавно ја критикувале бил Димитар Матов, а потоа брошурата била анализирана во списанието „Бугарски преглед“ во 1895 год, при што авторите на брошурата биле обвинети дека се предавници, изроди на бугарското општеството и дека се поткупени.

Во 1896 година Петар Поп Арсов активно учествува на Солунскиот Конгрес на МРО, но, по Виничката афера во 1897 година бил уапсен и обвинет за организирање на востание.

Бил осуден на 101 година робија, а казната ја издржувал во Подрум кале во Мала Азија. По амнестијата во 1902 година ја продолжува револуционерната дејност во Велешко, но спроти Солунските атентати во април 1903 година повторно е уапсен во Велес и затворен во Скопскиот затвор од каде излегува еден ден пред објавувањето на Илинденското востание.

Работи како учител во Скопје во учебната 1903/ 04 година, а потоа во Солун. Повторно станал член на ЦК на ВМРО, но набргу потоа се повлекува. Во јули 1904 година оди во родното село, а во август е поставен за надворешен претставник на ВМРО во Софија. Во 1905 година, на Рилскиот конгрес бил избран за член на Задграничното претставништво и учествува во дејноста на организацијата се` до нејзината поделба

Откако Тодор Паница го убил Сарафов и Гарванов во 1907 година, Поп Арсов бил уапсен во Софија, но наскоро бил пуштен од затвор и во мај 1908 година се враќа во Скопје.

Во 1909 година се вклучува во задушувувањето на султановата контрареволуција, а потоа прави обиди да го поддржи Теодосиј Гологанов повторно да се кандидира за Скопски митрополит, кој претходно бил разрешен од отоманската власт, откако бил наклеветен од бугарскиот Егзарх заради својот македонизам.

Поп Арсов кратко време работи како учител, а потоа и како директор во Педагошкото училиште Скопје.

Во текот на 1910 година, учествува во работата на Народната Федеративна Партија и зема активно учество во подготовките и спроведувањето на изборите за Отоманскиот парламент, но не го добива потребниот број гласови за пратеник.

Поп Арсов се залагал да се отвори македонска Висока педагошка школа во Скопје.

По избувнување на Првата Балканска Војна и окупацијата на Македонија, Поп Арсов се засолнува во Велес. Во текот на декември 1912 година заедно со Димитрија Чуповски ја организира Македонска конференција за спас на окупираната Македонија.

На средбата на која присуствуваат Ангел Коробар, Ризо Ризов, Александар Мартулков и други, било решено Македонската колонија во Петербург да ги застапува македонските интереси во странство, но неговиот обид со Чуповски да заминат во Париз и Лондон за да ја запазат целоста на Македонија бил спречен.

Петар Поп Арсов бил член на Привременото претставништво на обединетата поранешна ВМРО во Софија и е потписник на Апелот од 15 март 1919 година, со кој се бара воспоставување на Македонија како самостојна држава на Балканот во нејзините природни и географски граници.

По Версајскиот мировен договор, наполно разочаран од конечната поделба на Македонија, тој целосно се повлекува од јавниот и политичкиот живот.

Петар Поп Арсов умира во Софија на 1 јануари 1941 година.