• 15.05.2024 10:30

САРИСА

Прв македонски конзервативен портал

Денес православните христијани празнуваат Стара нова година, утре Василица

Byurednik

Jan 13, 2021

Православните христијани кои се водат според Јулијански календар денес ќе ја пречекаат Православната или Старата нова година.

Старата година се испраќа и со палење василичарски огнови, кои се симбол на божествената светлина што, според народното верување, ги прогонуваат лошите сили.

Голем број македонски семејства утре Василица ја празнуваат како домашна слава, а оние кои го носат името на Свети Василиј Велики го слават својот именден.

На Василица верниците кои се водат по овој календар кршат и лепче со паричка и исто така се верува дека на оној кој ќе му се падне паричка ќе биде среќен во текот на целата година.

Иако кај нас обичаите налагаат тоа да се прави на бадниковата вечер, сепак верското учење вели дека лепчето со паричка треба да се подели на Василица. Секој во семејството добива по едно парче од погачата, а тој што ќе ја добие паричката ќе има среќа во текот на целата година.

Според Македонската православна црква-ОА кршењето на лепчето со паричка го поткрепува и со житието во кое се објаснува добрината на свети Василиј Велики, кој истапил пред епархот на Кападокија, кој бил алчен човек и имал обичај редовно да доаѓа со својата војска и да го ограбува градот.

Кога на свети Василиј му јавиле дека епархот повторно доаѓа, тој побарал од богатите луѓе во Кеасрија да ги донесат накитот и златниците. Кога епархот пристигнал, свети Василиј го пречекал и му го понудил богатството. Епархот се изненадил и одбил што било да земе, ниту, пак, го ограбил градот. Тој никогаш повеќе не се вратил, ниту, пак, им досадувал на верните од градот. Но, свети Василиј останал со сиот накит и златници токму на новогодишната вечер, не знаејќи кому што му припаѓа.­ Тогаш, просветлен од Господ, ги замолил готвачите да направат мали лебови за секој верник, во кои ставил од златниците и накитот. Следниот ден, во црква, на сите им ги поделил. Секој го нашол она што претходно му го дал. За спомен на овој настан до ­денес се практикува на денот на свети Василиј Велики, односно на Нова година (по стариот календар), да се меси лепче со паричка.

Покрај тоа што православните верници во земјава на 14 јануари годинава ќе ја прослават православната Нова година, позната како ден на свети Василиј Велики ­ Василица, исто така, на овој ден се обележува и празникот Обрезание Господово.

Според црквата, на овој ден најголемо значење има празникот Обрезание Господово. Како што е познато од Стариот завет од Библијата, секое еврејско машко дете се носело во храмот на осмиот ден од раѓањето за да биде обрежано. Така било и со Исус, кој бил донесен во храмот заедно со родителите.

Но Христос воспоставува едно ново обрезание, а тоа е крштението, по чинот што го направи свети Јован Крстител со Исус кога го крсти во водите на реката Јордан. Тоа што е старозаветното обрезание, за христијаните е крштението. Зашто истото тоа е завет со Бога.

Покрај Македонската православна црква, според јулијанскиот календар, верските празници ги слават и Руската и Српската црква, Ерусалимската патријаршија и  монасите на Света Гора.