• 17.05.2024 19:52

САРИСА

Прв македонски конзервативен портал

Објавена книгата „Плачот на кларинетот“ од Ѓорѓи Лазаревски

Излезе од печат книгата со раскази „Плачот на кларинетот“ од Ѓорѓи Лазаревски, во издание на „Пелагониските културно-научните средби – Новаци“. Публикацијата раскази е уредена на македонски јазик и отпечатена на 219 страници  во „Графо Пром“ во Битола.

-Публикацијата насловена „Плачот на кларинетот“ на Ѓорѓи Лазаревски е збирка од 24 раскази групирани во три циклуси: „Луди и млади години“, „Од педагошкиот бележник и „Приказни од полето“. Расказите започнуваат со неколку згоди и симпатични незгоди од младоста на раскажувачот кога се подготвувал да учителствува и забележани случки во неговиот ран, чист и искрен учителски период на лудите млади години. Во вториот дел педагошкиот бележник на искусниот педагог содржи многубројни запаметени, раскажани и нераскажани настани што се случиле и ги запишал во неговиот бележник. Приказните од полето, кои се длабоко почувствувани од авторот носат со себе ширина на бескрајното поле, од мирис на косено сено и штотуку ожнеаното жито во топлиот летен период, раскажува Славе Катин за делото на Лазаревски.

Претседателката на „Пелагониските културно-научните средби – Новаци“, Весна Калпаковска пишува дека во заклучокот на книгата, под наслов „Книжевен суптилен етно-вез на кларинетот“, по неколкуте романи и дела со документарна содржина за раселените села, за светлите ликови на просветните работници и за педагошко-психолошката служба, збирката раскази „Плачот на кларинетот“ на Ѓорѓи Лазаревски е посветена само на неговите лични доживувања, или на настаните што се вброиле во локалните легенди или во локалната збирка на шеги каде тој постојано се јавува како наратор.

Катин истакнува и дека авторот со својот стил на пишување е близок до народното раскажување и до основните доблести што ги поседуваат македонскиот учител во образованието.

Ѓорѓи Лазаревски е роден 1939 година во Битола, има завршено Филозофски факултет, отсек Педагогија, на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, Во Скопје.  Работел како учител во „Мирче Ацев“ во селото Бач, а подоцна и директор, воспитувач во основното училиште „Коле Канински“ и педагог во основното училиште „Гоце Делчев“, во Битола.

Меѓу делата на Лазаревски се и „Ѕведени патеки“ (Auf dem Pfad der Sterne), зборник на песни од учителите во Германија „Монографија 50 години на ОУ „Гоце Делчев“- Битола, „Монографија 55 години на ОУ „Стив Наумов“ – Битола, „Монографија за Македонската православна црковна општина „Св. Кирил и Методиј“ – Штутгарт“, „Монографија Кравари“, „Дедо Кољо Добровенски, мариовско-лерински војвода“, романот „Коста Моштенецеот“ и други.

За својата педагошка улога во образованието  Ѓорѓи Лазаревски го добил звањето „Истакнат педагошки работник“ од Републичкиот педагошки совет во 1986 година, наградата „Кирил и Методиј“ од СИЗ за образование, Битола (1990), „Повелба за животно дело“ од „Пелагониските културно-научни средби“, Новаци во 2013 година и наградата „4-ти Ноември“, Општина Битола во 2019 година.