• 23.10.2024 01:36

САРИСА

Прв македонски конзервативен портал

Утре е Св. свештеномаченик Игнатиј Богоносец – детето што Исус го носеше во прегратка

Bysrs-moderator

Jan 1, 2022

Утре се празнува Св. свештеномаченик Игнатиј Богоносец – детето што Исус го носеше во прегратка.

Кога свети Игнатиј бил дете Исус го зел во прегратка и на учениците им рекол: „Ако не бидете како деца нема да влезете во царството небесно“. Бил ученик на ап. и ев. Јован Богослов. Во народното верување на овој ден започнале родилните болки на Пресвета Богородица. Како што се пее во народните песни: „Се замачи Божја мајка, од Игната до Божиќа“.

Светата православна црква на овој ден го празнува споменот на Светиот свештеномаченик Игнатиј Богоносец. Свети Игнатиј бил ученик на Светиот апостол и евангелист Јован Богослов од кого бил поставен, за епископ на црквата во Антиохија со која раководел 40 години.

Кога бил дете Исус го кренал, (го зел во прегратка) и на учениците им рекол: „Ако не бидете како деца нема да влезете во царството небесно“. Поради тоа што Исус го носел во прегратка е наречен Богоносец.
Настрадал за време на римскиот цар Трајан. По победата над Трачаните и Скитите царот наредил на римските богови да им се принесат жртви сметајќи дека тие му помогнале во борбата да извојува победа. Христијаните одбиле тоа да го направат, особено против тие обичаи биле црковните старешини. Меѓу нив бил епископот Игнатиј.

Царот Трајан самиот дошол во Антиохија за да разговара со епископот Игнатиј, да го разубеди и да го врати во идолопоклонството. Но кога видел дека не може тоа да го постигне наредил епископот да го одведат во Рим и да го фрлат на ѕверовите. На 20 декември (според стариот календар) 106 година Светиот свештеномаченик Игнатиј во еден амфитеатар во Рим бил фрлен пред два гладни лава кои го растргнале на очиглед и задоволство на многубројна публика. Се јавувал повеќе пати по смртта, правел чуда и им помагал на сите што ја барале неговата помош.

Празникот Св. мч. Игнатиј Богоносец во народот познат како Св. Игнет, Игњат, Игнатов ден, итн. се нарекува и „Прв Божик“ зашто тогаш започнуваат подготовките за празникот Божиќ. Празникот Игнат секогаш е пет дена пред Божиќ и со него започнуваат свеченостите поврзани со зимските празници. Поголем број обичаи поврзани со овој празник упатуваат на заклучокот дека со овој ден започнуваат и новогодишните обичаи, а има и такви што потсетуваат на свеченостите поврзани со далечните пагански прослави на зимската краткодневица и враќањето на сонцето од јужните напоредници. Во таа смисла се обредните огнови познати кај многу народи.

Обичаите и верувањата што се изведуваат на празникот Игнат најповеќе се поврзани со почетокот на годината или со споменот на раѓањето на Исус Христос. Така на пр. во Велес, како што запишал Д. Матов, на Игнат вареле пченица и царевка заедно за да се подигне бериќетот, а жените заработувале од секоја работа по малку, исто така за да им се подига работата. Во Разлошко овој празник се поврзува со Божик па се вели дека од Игнат се замачила Божја мајка: „замачила се е уш туга Божја маќа“. Во Гевгелиско Св. Игнат бил сметан за тежок и „уд огин аталија празник“. Особено го држеле празник и не работеле жените што имале деца. На овој ден се колеле свињи и сучеле сарајлии за Божик. Во Штип празникот го викале Игнат – подигнат. Тој ден мајките ги потегнувале своите деца за ушите или главата за да растат повеќе. Речиси во сите краишта исто верување е дека оној што ќе влезе прв во куќата се верува дека носи среќа или несреќа. Ако тоа бил млад и убав човек (момче или девојка) се сметало дека носат среќа, а ако прв влезел некој старец или баба верувале дека не ќе оди најдобро. Обичајот полазник е забележан и во други краишта на Македонија и е во врска со започнувањето на годината кога се прогнозира среќата на поединецот и заедницата.

(Именден празнуваат: Игнат, Иго, Игнатка…)