• 27.07.2024 04:19

САРИСА

Прв македонски конзервативен портал

Рудар Рок Фест 2022: Интервју со организаторите и најава за фестивалот

Bysrs-editor

Aug 23, 2022

САРИСА: Вашиот ангажман за возобновување на традицијата поврзана околу Рудар Рок Фест е за почит и поздравување. Што ве мотивираше да се одлучите на ваков чекор?

РРФ: Размислувањата, присеќавањата и разговорите помеѓу љубителите на рок музиката и обичните граѓани секогаш биле позитивни кон овој настан во Пробиштип од минатото. Првите рок концерти беа нешто ново и оригинално за градот, но и за Македонија во тоа време. Можеби сите овие години недостасуваше „јунак кој ќе се изнајде“, и не само што ќе ја актуелизира идејата, туку и ќе се зафати со нејзино остварување. Она што го поттурнува овој настан да се оствари е реакција кон идеолошко-политичката клима во Македонија која се повеќе го репресира и резигнира македонскиот народ, вклучително и младите. Понатаму, недостатокот на оригинален и креативен начин на однесување и живеење на младите кај нас. Рок музиката е активистичка музика, внесува револуционерен здив во духот на младите. Нашата музичка сцена буквално е во кома. Ние скоро да немаме нови творечки настани и луѓе на таа сцена кои ќе внесат една нова енергија во животот на младите и ќе внесат многу нови позитни импулси кои ќе ги одржуваат во нивниот младешки елан.  И на крај, овој настан го збогатува онака сиромашниот културен живот во Пробиштип. Тој е единствен по карактерност во цела Македонија и го одразува карактеристичниот начин на егзистирање на граѓаните на градот Пробиштип. Рударството, тешката индустрија е она на што се потпира градот, а рок настанот знаел тоа да го изрази. Добро е Рудар Рок Фест да биде еден бренд на град Пробиштип.       

САРИСА: Што може да ни кажете за самите почетоци на овој фестивал?

РРФ: Идејата за Рудар Рок Фест е родена помеѓу група млади рок-љубители во доцните 90 ти. Поминувајќи си го својот својот живот со слушање на овој вид музика и одење по концерти низ Македонија, тие дошле до идеја направат таков настан и во Пробиштип. Прво мислеле да го викнат само Канго, но потоа ја прошириле идејата со создавање на рок вечер со повеќе групи. Вака гледајќи од денешен аспект во првите неколку години учествувале во организацијата на фестивалот повеќе од 30-ина луѓе, и не благодарно е некој да не се спомне, на сметка на друг. Добар дел од нив го помагаат и  организирањето  на овој фестивал. Фестивалот, и во минатото и во иднина, има првична цел во однос на програмата да промовира нови бендови. Без разлика во која насока ќе се движи организирањето на фестивалот, тој треба секогаш да остава најголем простор на нови бендови, полни со ентузијазам и креативна енергија кои сакаат да се докажуваат и напредуваат на македонската, па и поширока рок сцена. Сите потајно во себе, посакуваме на овој настан да биде гостин некој голем бенд, но сепак и зад него треба да остане можноста да се промовираат бендови. Во тој контекст може да ги споменам Holocaust, кои имаат настапувано два-три пати и почетоците им биле тука на овој концерт. Понатаму Verka, Fluks, Siniak, се така групи кои развија своја продукција, а еден од првите чекори има беа на овој фестивал. Сепак, мора да напоменам, една и најзначајна  за овој фестивал од сите групи е Канго. Оваа група беше присутна, буквално, на сите рок фестивали. И да дополнам Симеон Иванов- Канго учествуваше и помагаше во организацијата на сите претходни настани.   

САРИСА: Дали може на кратко да ни ги претставите учесниците на годинешниов фестивал и кои стилови, правци на музика ги негуваат?

РРФ: За бендовите, оваа година, доста трагавме. Она што го имавме за првична цел, млади бендови ( Station:Innermost, Conspiracy, Последен Удар) кои ќе се престават мислам дека и го остваривме. Но водевме сметка и за пошироката публика, па така се одлучивме на концертот да има место и за еден трибјут бенд (Eruption) кој ќе ги  обработи најлегендарните песни од светската рок историја. На крајот настапивме и локал-патриотски и ги поканивме нашите Крпен Живот.

Station:Innermost се прогресив рок бенд во налет. За нив, како и за Conspiracy, Последен удар, важи истото. Тие својот подем го имаат забавено поради епидемијата и рестрикциите со кои се соочивме поради неа. Овие три групи се формирани 2017,2018,2019, и се жртви на некој начин на светската пандемија. Но оваа година и овој настан е можност повторно да се развиваат. Од она што може да се забележи во музика на Station:Innermost е дека се работи за добро компониран бенд во чии песни се остава доволно простор на  секој член да си ја покаже својата краетивност и својот квалитет.  Имаат соработувано со Derek Sherinian (ex-Dream Theater, Alice Cooper, Billy Idol, Planet X, итн. ), а беа пред група на легендарните Deep Purple во Скопје оваа година.

Првите почетоци на Последен Удар датираат од летото 2017 година, кога се започнува со проби и создавање на првите песни и делови од песни. Кон крајот на есента 2017 и почетокот на 2018 година се комплетира конечниот и сегашен состав на членови на групата по што на почетокот на Март 2018. Се работи за панк бенд кој на 24 август 2019, го издаваат својот прв студиски албум насловен „Не сме како вас“, за што се одржала слушачка промоција на платото пред Младинскиот културен центар (МКЦ) во Скопје. Албумот содржи 10 песни од кои 9 на македонски и 1 на англиски јазик.

Conspiracy е треш / хеви метал бенд од Скопје, формиран 2016 година. Својот прв албум “Dehumanized” го издаваат во 2019 година после победата на фестивалот “Luzer Fest”. По краткотраен хиатус и промена на поставата, бендот моментално работи на втор албум од којшто ќе имаме прилика да слушнеме и неколку нови песни на овој рок концерт. Дечкиве се буквално во силен творечки налет.

 Eruption Tribute band е еден од најдобрите и највлијателни бендови во изминaтиве години во Македонија. Нивните трибјут концерти се исклучително посетувани. На овие настани во еден извореден стил се обработени најпознатите Rock n Roll, Hard Rock and Heavy Metal песни. Имаат направено безброј настани со посвета на The Doors, Led Zeppelin, Black Sabbath, итн. Михајло Трајковски (вокал, гитара) е дел од проектот Рок-симфонија со која за прв пат во Македонија, најлегендарните рок песни се обработија во симфониски стил.

Крпен Живот се пробиштипски панк-рок бенд, кој се формирани 2005 година. Првата свирка на бендот е на почетокот на 2007. Во 2009 имаат освоено првото место на Рок Фест, во Скопје. Го имаат издадено својот прв албум „Колку прекрасен свет“.

САРИСА: Дали како организатори на фестивалот имавте и надворешна помош? Од сограѓаните, од институциите, од приватни компании и слично?

РРФ: Настанот, официјално се води под организација на локалната самоуправа на град Пробиштип по културните денови посветени на патрониот празник на град Пробиштип – 28 Август. Но со оглед дека ние ја дадовме идејата, всушност програмата и начинот на организирање на настанот го водиме ние. Општина Пробиштип заедно со неколку индустриски гиганти од градот ни обезбедува финансиска и техничка поддршка. Останати спонзори кои ни помогнаа се рудници Булмак, фабриката Cranfield Фoundry, транспорт шпедицијата GBS, ресторан Амбиент, млекара Алпина-Деј, CITY CAFE. Засега оди добро, имаме соработка и би сакале да изразиме благодарност до сите кои го помогнаа организирањето на Рудар Рок Фест 2022. Се гледаме на 26ти август во Пробиштип.