• 18.10.2024 03:42

САРИСА

Прв македонски конзервативен портал

ЗАТВОРИТЕ ВО МАКЕДОНИЈА И УСЛОВИТЕ ЗА РЕСОЦИАЛИЗАЦИЈА НА ЗАТВОРЕНИЦИТЕ – Гоце Јанчески

ByJane Jancheski

Jun 13, 2024

Пенологијата претставува млада научна дисциплина, својот акцент на изучување го става на условите и третманот на деликвентите во казнено поправните установи. Пенолошката наука и пракса создаваат погодна oснова за понатамошно подобрување на условите на осудените лица кои би значеле успешна ресоцијализација и адаптација во социјалната средина. Намерата на секое современо казнено законодавство е намалена или ограничена примена на казната затвор, а целта на секој казненоправен систем, пак, е овозможување третман на слобода за сторителите на полесни казнени дела и првопрестапниците.

Третманот на затворениците во македонските затвори има сосема поинаква состојба, состојба во која поимот еднаквост гледано пошироко не значи негова доследна примена. Треба да се напомене дека во ниту еден случај казната затвор, не би смеела да доведе до потреба од влошување на условите а со цел дополнителна одмазда за стореното. Овозможување на третманот на осудените лица за време на издржување на затворската казна е дополнителен проблем во нашиот казненоправен систем.

Ресоцијализација на осуденото лице може да се дефинира како современа теоретска мисла и практична акција од која се очекува да го измени квалитетот на личноста, односно да се отелотвори во определена психосоцијална состојба што има својство да го врати во слободната заедница со зајакнати социјално етички сфаќања спрема разновидните влијанија што водат кон криминални и делинквентни поведенија.

Сето ова влегува како дел на постпенална програма која им помага на осудените лица по излегување од затворот полесно да се адаптираат во социјалниот свет.

Ресоцијализацијата претставува основна детерминанта на извршувањето на санкциите, вклучувајќи ги и кратките казни, лишување од слобода и претставува барање за постапување со осуденото лице што целосно ќе биде проникнато со потребите за негово поправање и превоспитување. Меѓутоа не смее да се дозволи овие лица да не бидат запознаени со своите права а е чест пример во казнено поправните установи. Чест се случува да воопшто немаат правни застапници кои би ги информирале за нивните права, иако државата е онаа која треба да им ги обезбеди доколку самите не се во можност. Сето ова предизвикува дел да бидат во една незавидна положба, не можејќи да поднесат ниту жалба, ниту пак да бидат известени за евентуална амнестија.

Доколку осудените лица казната ја издржуваат во добри услови, со здравствена заштита, како и организирање одредени физички активности или работилници односно остварување на секојдневните човекови потреби на најдостоинствен начин, тогаш шансите кај овие лица да се јави свест, желба и подготвеност за соработка се многу поголеми. Таквите услови, понатаму би придонеле и кон значително редуцирање на насилството и конфликтите помеѓу затворениците. Од друга страна пак, сѐ она што претставува спротивност на добри услови ќе резултира со аномија во системот, зголемен револтот, насилството и агресијата, односно услов за понатамошно ширење на криминалитетот.

Потребно е спроведување на успешна постпенална политика која што се грижи за овие лица во нашата државата. Неефективна ресоцијализација би довела да осудените лица кои издржуваат затворска казна по извесен период повторно се враќаат во затвор. Немањето на помош откако ќе излезе од затвор е еден вид на повторна казна за него, бидејќи кога државата има создадено постпенална стратегија за овие лица, а таа не се спроведува тие се препуштени сами на себе. Препуштени сами на себе предизвикува опасност од извршување на ново кривично дело.