• 15.05.2024 04:08

САРИСА

Прв македонски конзервативен портал

Отворен македонскиот културен клуб „Никола Вапцаров“ во Благоевград

На денешното отворање на македонскиот културен клуб „Никола Вапцаров“ во Благоевград, организаторите потсетија дека Бугарија е 15 пати осудувана од Европскиот суд за човекови права во Стразбур за забраната за здружување на Македонците и кажаа дека тие само сакаат да бидат рамноправни со останатите граѓани и да можат да кажат дека се Македонци без да бидат навредувани за тоа. Тие велат дека клубот „Никола Вапцаров“ ќе биде мост за соработка меѓу двете нации и двете земји, бидејќи тие не се сепаратисти, ниту непријатели на Бугарија.

„Обвинувани сме за непријатели, кога намерите ни се пријателски, обвинувани сме за сепаратисти, кога стремежот ни е уривање на граници и обединета Европа, за противзаконски, кога сакаме да работиме во рамките на законите. 32 години напорите ни беа да регистрираме наше здружение со кое што ќе учествуваме во културниот, општествен и политички живот. Земјата е 15 пати осудена за тоа во Европскиот суд за човекови права, а ние не сакаме да се судиме, никого, ние едноставно сакаме да сме рамноправни како останатите граѓани, сакаме да можеме да се нарекуваме Македонци, а за тоа да не бидеме навредени, да можеме да се собираме и да твориме без страв, да бидеме од корист за двете држави и за двата народи затоа што им ја познаваме душата и културата’, изјави на отворањето на клубот Милан Ризаков од „ОМО Илинден Пирин“.

Атанас Мазнев од истото здружение додаде дека идеите за основањето на клубот се градење на мостови меѓу двата народи и ново културно пространство во кое ќе учествуваат двете држави, бидејќи тоа е завештание на Гоце Делчев и тие нема да отстапат од тоа.

На отворањето на клубот присуствуваа лидерите на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски и на Левица Димитар Апасиев, како и генералниот секретар во претседателскиот кабинет Миле Бошњаковски.

Паралелно со отворањето на клубот „Никола Вапцаров“, на плоштадот во Благоевград, кај споменикот на Гоце Делчев, имаше мал протест на приврзаници на бугарска партија ВМРО-БНД, предводени од европратеникот Ангел Џамбаски, познат по радикалните антимакедонски ставови. Џамбаски и приврзаниците ги спречија македонските делегации да положат цвеќе на споменикот, пренесува СДК.МК.