• 08.09.2024 03:55

САРИСА

Прв македонски конзервативен портал

Демонстрации во Париз против новиот закон за безбедност

Повеќе илјади лица протестираа денеска во Париз против донесувањето на новиот закон за безбедност со кој снимањето или фотографирањето на припадници на полицијата ќе се третира како кривично дело.

Побориците на законот наведуваат дека полицајците и членовите на нивните семејства треба да бидат заштитени од вознемирување, како на социјалните мрежи, така и приватно, кога не се на должност, пренесуваат агенциите.

Противниците пак наведуваат дека законот би ја прекршил слободата на новинарите да известуваат и би ги отежнал напорите тие полицајци кои ја злоупотребиле положбата, на пример со прекумерна употреба на сила, да бидат изведени пред законот.

Максимално предвидената казна изнесува една година затвор и парична казна од 45 000 евра.

Учесниците на демонстрациите собрани на плоштадот Трокадеро во западниот дел на Париз, активистите за заштита на човекови права, членови на синдикати и новинари, скандирале: „Сите сакаат да ја снимаат полицијата!“

Некои од нив носеле транспаренти на кои пишувало: „Ќе ги спуштиме телефоните со кои снимаме кога вие ќе го спуштите оружјето“.

Слични демонстрации се планирани во Марсеј, Лил, Монпеље, Рен и Сент Етјен.