• 17.05.2024 15:44

САРИСА

Прв македонски конзервативен портал

Сеќавање на Пере Тошев, денес е годишнина од неговото загинување

Bysrs-editor

May 4, 2021

Пере Тошев – Лефтер (1865 – 4 мај 1912)  е македонски револуционер, војвода и учесник во Илинденското востание. Тој е член и раководител на Македонската Револуционерната Организација, еден од најблиските соработници на Ѓорче Петров и Гоце Делчев, а подоцна близок на Народната Федеративна Партија.

Пере Тошев е роден во 1865 година во Прилеп, во семејство на богати и видни иселеници од Дебар. Рано останал без татко, а целата грижа за семејството ја водел неговиот брат. Основно и прогимназиско образование стекнува во родниот град, а од 1882 година учел во Солунската машка гимназија, која била расадник на револуционерни идеи. Во 1884 година во VI клас Ѓорче Петров бил исклучен поради бунт заедно со група ученици. Обидот да го продолжи своето образование во Пловдивската гимназија не бил успешен поради притисокот на егзархијата и настаните кои следуваат.

Неговиот борбен дух не мирува. Истата година, со помош на велешанецот Спиро Костов и прилепчанецот Владимир Кусев, Пере Тошев во Станимака (Асеновград) формираат организациона единица на Тајниот македонски револуционерен комитет кој има за цел ослободување на Македонија и Одринско. Меѓутоа, нивната агитација за македонското дело, бугарскиот двор ја искористил да ги спроведе своите цели, како што е обединување на Кнежевството Бугарија и Источна Румелија. Во бунтовите кои следуваат во септември 1885 година, Пере Тошев зел активно учество со чета во завземање на градската пошта во Пловдив.

По обединувањето, Србија незадоволна од проширувањето на Бугарија, во ноември 1885 година започнува војна со Бугарија. Во Српско-бугарската војна, Пере Тошев со уште 400 македонски доброволци предводени од бугарскиот капетан Коста Паница, учествувал во борбите кај Сливница и Пирот, каде е ранет, а потоа и награден со „Орден за храброст“.

Пере повторно се обидува да го заврши гимназиското образование, но поради неговиот бунтовен карактер, по неколку месеци од Пловдив заминал кај своите другари во Софија, каде се обидел да најде чиновничка работа. Во периодот од 1885 до 1890 година, Пере Тошев имал бројни состаноци на кои се договарал за организирање на нова македонско-одринска организација. Во писмото испратено до Ѓорче Петров околу 1889 година, тој го изнесува предлогот заедно да формираат организација за ослободување на Македонија.

Во масовните апсења на бугарската полиција меѓу македонската емиграција, кои следуваа по убиството на Христо Белчев, бугарски министер за финансии во владата на Стефан Стамболов, кој по грешка бил убиен место премиерот, Пере Тошев бил затворен и испитуван. По дадените гаранции на влијателниот пријател И. Андонов, Пере бил ослободен и заминал во Пловдив. По извесен период повторно се вратил во Софија. Откако не добил дозвола да живее во Софија, тој ја напушта Бугарија и засекогаш се враќа во Македонија.

Пере Тошев се вратил во родниот град Прилеп во 1890 година и откако не добил поддршка од неговиот брат да го продолжи своето образование во Европа, по две години почнал да работи како учител. Во учебната 1892/93 година се сретнал со Даме Груев кој бил назначен за егзархиски учител во Прилеп. Носени од слични идеи, меѓу нив постои блискост, но во градот се` уште немало плодна почва за револуционерни идеи, па тие не биле моќни нешто да започнат.

Во јуни 1893 година Даме заминал за родното Смилево, а набргу потоа во Солун каде станува една од водечките личности на Македонската Револуционерна Организација, а Пере Тошев во периодот од 1893 па се` до 1901 година учителствувал во гимназиите во Прилеп, Скопје, Битола и Солун.

Пере Тошев бил стар револуционер кој имал оформени идеи и ставови за револуционерната борба, како никој друг. По доаѓањето во Битола во 1894 година, каде работи како професор во битолската гимназија, тој станал член на Македонската Револуционерна Организација. Тука тој имал неколку средби со Даме Груев, по што го формирал првиот окружен револуционерен комитет на Организацијата (ОРК на МРО) и станал негов прв претседател. Во текот на двегодишниот престој, Пере уживал огромен авторитет меѓу членовите на Организацијата во Битола и Битолско, каде заедно со Ѓорче Петров го издаваат весникот „На оружје“.

Во 1896 година Пере Тошев со работа се преместил во гимназијата во Солун, а две години потоа бил назначен за училишен инспектор. Истата 1898 година, тој станал член на ЦК на ТМОРО. Во периодот додека престојувал во Солун се оформува четништвото како институција и заживува неговата идеологија. По наредба на ЦК младите интелектуални сили кои ги испраќал Гоце Делчев требале да се обучуваат во четата на Михаил Апостолов – Попето, но и морале да ја поминат контролата на Пере Тошев, пред да добијат самостојни задачи. Од него тие биле запознавани со идеологијата, со задачите, како и со односот кој треба да го воспостават со населението. Сите кон Пере Тошев имале стравопочит. Меѓутоа, по Солунската афера во 1901 година, Тошев заедно со целиот состав на ЦК бил уапсен, осуден и заточен во Бодрум-Кале, Мала Азија. Следната 1902 година, тој бил амнестиран, се вратил во Солун, оттаму заминал за Битола и Прилеп, каде што живеел полулегално.

Иако Тошев не се согласил со решението за кревање на недоволно подготвено масовно востание, сепак зел активно учество во Илинденското востание. Тој дејствувал во прилепскиот крај кај Мариово, а по задушувањето на востанието, со помош на Петар Ацев, Ѓорѓи Пешков и Ѓорче Петров, работел на обновување на револуционерната мрежа на Организацијата во Прилепско. Со зголемувањето на српската пропаганда во Македонија во 1904 година, Пере Тошев се обидува по мирен пат да го неутрализира нивното делување во областа. Тој лично преговарал со србоманскиот војвода Глигор Соколов(иќ) Ламев и успеал да издејствува ослободување на заробениот Даме Груев.

Пере Тошев по востанието се залагал за реформи и децентрализација во Организацијата. Во 1904 година присуствувал на Прилепскиот конгрес, а во 1905 година учествувал на Рилскиот конгрес на кој поднел Правилник за работата на ТМОРО и застанал на страната на реформското крило на Организацијата. На Конгресот тој повторно бил избран за член на ЦК на ВМОРО. Потоа заено со Јане Сандански учествувал во работата на Серскиот конгрес во 1906 година, а по убиството на Иван Гарванов и Борис Сарафов во 1907 година бил прогонуван од бугарската полиција во Софија.

По Младотурската револуција Пере Тошев и Димо Хаџи Димов учествува во издавањето на весникот „Конституциона зора“, кој излегува во текот на 1908 и 1909 година во Солун. Од 23 број „Конституциона зора“ се декларира како орган на Македонско-одринската организација и ги застапува позициите на Серската група на ВМРО. Во текот на 1910 и 1911 година. Пере Тошев бил назначен за училишен инспектор во Солун, а пред Првата Балканска војна се разболел и заминал за Софија на лекување.

Пере Тошев тешко го доживува Договорот склучен меѓу Србија и Бугарија на 29 февруари 1912 година за војна против Османската империја и поделба на Македонија. Тој протестира и бара да биде примен и ислушан во Народното собрание, но е уапсен. Скршен од болка тој заминува за Македонија. Но, предаден и следен уште од Софија, тој бил пречекан од турска заседа меѓу селата Градско и Дреново. На 4 мај 1912 година (21 април 1912) Пере Тошев бил убиен, а неговото тело исечено на парчиња и скриено покрај патот. Дури по пет дена роднините го наоѓаат телото на Тошев, но Турците им забраниле да го закопаат во Прилеп. Под нивен надзор Тошев бил погребан во дворот на црквата во селото Фариш, Тиквешко. Во 1996 година неговите посмртни останки се префрлени во црквата „Св. Благовештение“ во Прилеп.

Неговите современици ќе забележат дека: „Меѓу најголемите македонски дејци, Пере Тошев е најмалку познат. Тој живееше во осаменост и умре незабележано. Неговиот тивок и меланхоличен лик, сепак е полн со редок и скапоцен шарм. Внатрешниот живот кај никој од соборците не беше така чисто фокусиран и изобилен со морално богатство како кај него“.