• 21.09.2024 10:52

САРИСА

Прв македонски конзервативен портал

Кризна состојба поради пожарите, активни десетина жаришта низ Македонија

Bysrs-editor

Aug 5, 2021

Прогласена е кризна состојба на целата територија поради ситуацијата со пожарите. На предлог на Владата, претседателот на државата треба да вклучи дел од Армијата во справувањето со жариштата, а останатите надлежни институции да ги стават на располагање сите расположливи капацитети и ресурси.

Владата денеска прогласи кризна состојба на целата територија во траење од 30 дена поради пожарите. Одлуката е донесена по предлог на Управувачкиот комитет за координација со системот за управување со кризи.

„Одлуката за постоење кризна состојба на територијата на Република Северна Македонија, заради зголемена појава на пожари и спречување на нивно ширење во траење од 30 дена, е донесена со оглед на потребата од рационално користење на националните ресурси и координираното дејствување на сите засегнати страни“, вели портпаролот на Владата Мухамед Хоџа.

Одлуката доаѓа во ситуација кога Македонија деновиве е зафатена од десетици пожари. Во моментов активни се жаришта во битолскиот, струмичкиот, кумановскиот и штипскиот регион, според податоците на Центарот за управување со кризи (ЦУК).

Вчера состојбите во пехчевско, кумановско Старо Нагоричене и во Македонски Брод беа меѓу најктичните. На сила е целосна забрана за движење низ шумските предели на земјата.

Од Владата велат дека за одлуката за кризна состојба ќе бидат известени Претседателот на државата и Собранието. Донесен е заклучок да му се предложи на Претседателот да доенесе одлука за учество на дел од припадниците на Армијата во справување со кризната состојба.

Исто така, главниот штаб на ЦУК треба веднаш да започне со подготовка на акциски план за превенција и справување со пожарите и да направи целосен преглед на расположливите човечки и материјално-технички ресурси и план за координирано дејствување.

„Владата усвои и заклучок со кој Министерството за внатрешни работи, Армијата, ЦУК, Дирекцијата за заштита и спасување, Министерството за здравство, општините и сите останати засегнати државни институции, да ги стават на располагање сите расположливи капацитети и ресурси кои може да се стават во функција за справување со кризата“, вели Хоџа.