• 23.10.2024 01:39

САРИСА

Прв македонски конзервативен портал

Скандинавските земји пред влез во НАТО?!

Деновиве се повеќе се зборува за можен влез на Финска и Шведска во Алијансата, откако премиерките на двете земји на заедничка прес-конференција вчера соопштија дека руската инвазија врз Украина го промени „целиот безбедносен пејзаж на Европа и драматично го обликуваше начинот на размислување во нордиските земји“.

Според финската премиерка Сана Марин нејзината земја, која дели 1.300 километри граница со Русија, ќе одлучи многу скоро дали ќе поднесе барање за пристапување во Алијансата. Шведскиот став во моментов е малку повоздржан, но тамошната премиерка, Магдалена Андерсон, вели дека новата безбедносна ситуација ќе биде испитана „детално и брзо“.

-Нема да дадам некаква временска рамка кога ќе ги донесеме нашите одлуки, но мислам дека ќе се случи доста брзо, во рок од неколку недели, не месеци, изјави Марин.

– Мораме да размислиме што е најдобро за Шведска и за нашата безбедност и мир во оваа нова ситуација. Секако, и што се случува во разговорите во Финска е важно за нас да следиме, изјави Андерсон.

Москва пак, го предупреди НАТО дека доколку Финска и Шведска се приклучат кон Алијансата, Кремаљ ќе ги смета за противници и ќе возврати со акција над Балтикот, како што напиша поранешниот претседател и член на Безбедносниот совет на Русија, Дмитри Медведев.

„Во овој случај, веќе нема да може да се зборува за некаков ненуклеарен статус на Балтикот – рамнотежата мора да се врати. Досега Русија нема преземено такви мерки и немаше да ги преземе. Ако сме принудени – добро, напиша Медведев.

Со влегувањето на Финска, НАТО повторно би се доближил до Русија, што за Москва е неприфатливо. Границата на Алијансата тогаш би била само 200 километри северозападно од рускиот град Санкт Петербург, додека со приклучувањето на Шведска за НАТО би било полесно да го контролира Балтичкото Море.