• 27.04.2024 16:31

САРИСА

Прв македонски конзервативен портал

Заврши електронското пријавување за упис во средно образование, аплицирале над 14.500 ученици

Електронското аплицирање за упис во средно образование за учебната 2022/2023 година заврши денеска во 15 часот. Пријавувањето почна на 10 јуни во 10 часот преку линк, до порталот за електронски услуги https://e-uslugi.mon.gov.mk, со специјална најава за средношколци, преку нивните кориснички сметки на schools.mk.

Кусо пред затворањето на е-системот, министерот за образование и наука Јетон Шаќири на прес-конференција соопшти дека стигнале над 14 илјади апликации од ученици.

Бројот е сличен како и лани во првиот уписен рок што, според Шаќири, е потврда дека процесот е функционален, а онаму каде што имало проблеми при аплицирањето, учениците и родителите добивале поддршка од Секторот за средно образование.

Оваа дигитална услуга МОН ја воведе оваа година. Според Шаќири, новиот начин на уписи резултирал со, како што рече, евидентно релаксиран процес за разлика од минатите години – учениците имаа увид во поените од успехот и можност да ја менуваат, ажурираат и дополнуваат пријавата односно да се премислат во изборот на училиштето.

-Согласно поените од успехот во основното образование, учениците имаат можност да изберат училиште и вид на образование и за сето тоа им беа потребни не повеќе од 5 до 10 минути за аплицирање. На овој начин ги намаливме гужвите во средните училишта за пријавување, со што се минимизира неизвесноста и нервозата од исходот на уписите. Исто така, ја зголемивме транспарентноста и ја намаливме улогата на човечкиот фактор, рече тој.

По затворањето на електронскиот систем, утре и задутре (16 и 17 јуни) училишните комисии ќе вршат проверка на идентичноста на податоците од пристигнатите апликации со доставените документи, а в сабота, 18 јуни, ќе бидат објавени конечните ранг-листи на огласните табли на училиштата и на веб-страницата на МОН (mon.gov.mk).