• 27.07.2024 04:38

САРИСА

Прв македонски конзервативен портал

СОНК: Усогласување на платите, па потоа 10 отсто покачување или наставниците на штрајк

Bysrs-moderator

Jul 12, 2023 #сонк

Владината понуда до синдикатите за повисоки плати за 10 отсто и исплата по 10 илјади денари К-15 за 2023, која ќе треба да се усвои на Економско-социјалниот совет, не е прифатлива за СОНК. Спроведување на колективните договори во основното и во средното образование, а не само покачување на платата за 10 отсто побара и Независниот синдикат за образование и наука.

– Советот на СОНК донесе заклучок дека општиот колективен договор за јавниот сектор е неприфатлив за членовите на СОНК, особено од дејноста образование – информираше претседателот на СОНК, Јаким Неделков, на Фејсбук.

Тој го објави и заклучокот од седницата со шесте барања, меѓу кои: итно и без одлагање, во дејноста образование да се изврши усогласување на платите со минималната плата за 2023 година и на таа усогласена плата да се пресмета 10 отсто. СОНК бара континуитетот на усогласување на платите со минималната, односно просечната плата да продолжи и следната година, кога како основен критериум ќе се земе инфлаторниот процент и процентот на зголемените трошоци на живот. Исто така, се бара земање предвид и распонот меѓу работните места според важечките колективни договори, а приспособувањето на новиот систем на плати да биде во мал транзициски период и да се примени веднаш. Во спротивно, СОНК ќе организира легитимни синдикални активности.

И Независниот синдикат за образование и наука информираше дека со внимание ги проследил најавите за зголемување на платите во јавниот сектор од септември 2023 година и за нив единствено задоволувачко решение е целосно спроведување и имплементирање на моменталните колективни договори во основното и во средното образование. Потсетуваат дека коефициентот на сложеност на наставниците и на стручните соработници согласно со колективните договори изнесува 2,5 и е предвидено тој да се помножи со најниската плата на државно ниво. Најавуваат дека ќе продолжат со синдикалните активности и со организирањето на просветните работници со цел да постигнат, како што велат, достоинствено вреднување на трудот на нивната професија.

Од Владата информираа дека новата методологија за пресметка на платите во јавниот сектор, која ќе биде дел од општиот колективен договор, ќе се добива од просечната плата помножена со коефициент и ќе се пресметува од март 2025 година.

– Со ова, по 17 години ќе се донесе нов општ колективен договор со кој се внесува системско решение за платите во јавниот сектор, кое ќе гарантира раст на платите без политички калкулации. Во општиот колективен договор, според договорот, ќе биде дефинирана и исплата на минимум износ на регрес за годишен одмор во износ од 30% од просечната нето-плата – вели Владата.

Министерката за труд и социјална политика Јованка Тренчевска најави дека од 2024 година К-15 ќе изнесува најмалку 30% од висината на просечната плата од изминатата година, пренесува Вечер.