• 21.05.2024 08:37

САРИСА

Прв македонски конзервативен портал

Колумна на Лејла Рајкова – „Корупцијата – општествено зло на денешницата“

Лејла Рајкова

Од настанувањето на државата, со неа и власта, корупцијата е неизбежна појава во сите општества, низ целата човекова историја. Етимолошката генеза на зборот корупцијата води потекло од латинскиот збор: corruptio – расипување, мито или коренот на зборот е rumpere- кршење, газење, што значи дека нешто се крши на пример правна норма, општествена или морална норма, ги опфаќа забранетите однесувања во врска со подмитувања во вршење на јавните функции. Но овој поим содржи и поширок смисол, политиколошки смисол што подразбира искористување на политичка функција и позиција за неморални и незаконски цели за реализирање на некоја лична корист. Корупцијата исто така може да се смета како посебна ситуација на размена каде што службеното лице ја смета својата позиција како извор на приходи посакувајќи да го зголеми неговиот личен профит. Поимот на корупција се менува зависно од временскиот , општествениот и политичкиот контекст. Исто така и формите на корупцијата се менувале и трансформирале па така со  тек на времето добива и нови димензии и ширина.

Од својата независност па до денес, подржана од повеќе земји и меѓународни организации, Република Македонија се стреми кон градење на демократско општество засновано врз принципите на владеење на правото, правната држава и пазарната економија. Целта на тој стремеж е целосна и потполна интеграција во Европската унија.

Како самостојна и демократска држава ниту Република Македонија не е заобиколена од корупцијата туку напротив нејзиниот продор во институциите е во пораст. Корупцијата како феномен на денешницата навлегува многу брзо во јавните институции и постепено се шири и доведува до голема недоверба кај граѓаните на оваа држава. Корупцијата може да се забележи во: јавните институции во вршењето на јавните овластувања, во финансирањето на политичките партии, синдикати, здруженија на граѓаните и фондации, спречување на судир на интереси, работите од јавен интерес и други дејности на правни лица, партиските вработувањата, неефикасно судство, сомнителни јавни набавки.

Корупцијата во Република Македонија е длабоко навлезена во речиси сите институции. Желбата за брзо „правење на пари”, ниските плати на државните службеници, како и неефикасноста на судството, се водечки причини кои влијаат на ширењето на корупцијата. На тоа се вклучуваат сомнителните јавни набавки, непотизмот и протекционизмот, може да се каже дека на сето тоа влијае и криминалната нетранспарентна приватизација. Сето ова се должи на слабите институции и на непочитувањето на владеењето на правото т.е непочитување на законите.

Многу важна компонента во борбата против корупцијата е постоењето  политичка волја за справување со неа. Се до моментот кога политичките лидери не покажат желба и акција во справувањето со ова општествено зло и се додека замижуваат пред низа коруптивни настани, се дотогаш корупцијата ќе вирее и ќе зема замав во речиси сите сфери.

Корупцијата мора да биде санкционирана и сведена на минимум, зашто со тоа ќе се овозможи многу работи да добијат нормален тек , а не да се движат по некои други насоки. Точката до која што е доведена нашата држава е веројатно точка што го загрозува опстанокот на државата т.е егзистенцијата и иднината на нејзините граѓани.