• 02.10.2024 10:25

САРИСА

Прв македонски конзервативен портал

Дваесет години од воведувањето на еврото

Еврото беше воведено како книжна валута три години порано, на 1 јануари 1999 година, а на 1 јануари 2002 година во 12 земји на ЕУ националните валути беа заменети со еврото, што беше најголемата замена на валута во историјата.

„Еврото стана столб на стабилноста и еднаквоста ширум светот, благодарение на вас, стотици милиони Европејци кои веруваа во него, му дадоа сила, доверба и го користеа секој ден“, изјави во видео порака по повод 20-годишнината од воведувањето на еврото, директорката на Европската централна банка, Кристин Лагард.

Претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел, рече дека еврото е конкретен симбол на европскиот успех, како една сигурна, динамична и солидна валута.

„Поминаа 20 години откако европските граѓани можат да го носат еврото во своите џебови, кое не само што е една од најмоќните валути во светот, туку, пред сè, е симбол на европското единство“, изјави претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен по повод годишнината.

Eврото првпат беше воведено во 12 земји – Австрија, Белгија, Финска, Грција, Ирска, Италија, Луксембург, Германија, Холандија, Португалија и Шпанија, а денес еврозоната ја сочинуваат 19 земји-членки на ЕУ. Прво им се приклучи Словенија, па Кипар, Малта, Словачка, Естонија, Летонија и на крај Литванија, а следната година истото треба да го направи и Хрватска.

Бугарија најави дека сака да се приклучи една година по Хрватска, на 1 јануари 2024 година и Романија најави дека ќе почне да се подготвува за воведување на еврото, додека Чешка, Полска и Унгарија се двоумат. Во Шведска, на референдум во 2003 година, граѓаните одбија да се приклучат на еврозоната.

Денес, еврозоната има повеќе од 340 милиони жители и е втора по големина економска област во светот, со 15 отсто од светскиот БДП.

Еврото е втора најбезбедна валута по доларот. Сега претставува 20 отсто од светските девизни резерви наспроти 60 отсто за доларот.