• 20.05.2024 17:54

САРИСА

Прв македонски конзервативен портал

Маршот на одбранбените буџети

Bysrs-editor

Mar 7, 2024

            Последните безбедносни случувања на неколку различни места во светот, особено во Украина и во Израел, повторно го ставија во прв план прашањето за висината на буџетите за потребите на одбраната, кое прашање и онака веќе добиваше големо внимание последните години, особено во НАТО круговите. Со донесувањето на концепциските документи во делот на одбраната, како на секоја држава засебно преку Стратегиите за одбрана и Стратегиите за национална безбедност, така и на меѓународно ниво (Стратешкиот концепт на НАТО во 2022 година, и  Стратешкиот компас на ЕУ во 2022 година), евидентно е дека одбранбените трошоци се нешто кое се третира сериозно и јасно се нагласува дека зголемувањето на одбранбените буџети е нешто кое се очекува. На пример, очекувањата на НАТО се дека во оваа тековна година, дури 18 земји членки на НАТО ќе го достигнат прагот за издвојување од 2% од БДП за потребите на одбраната, а останатите сојузници се очекува да го достигнат тој праг колку што може побрзо. За илустрација колку е тоа во средства, на 13ти декември 2023 НАТО сојузниците го усвоија буџетот на НАТО за 2024, и тој ќе изнесува 438.1 милиони евра за цивилната компнента, и 2.03 милијарди евра за воената компонента.

            Институциите на Европската Унија, кои веќе подолг период се обидуваа да се задржат колку што може повеќе на страна од таканаречената „милитаризација“ на европскиот блок, последните години, особено по случувањата во Украина, сега засилено прават напори за одредено реосмислување на Европската Унија во доменот на одбраната и безбедноста. Првиот чекор беше донесувањето на Стратешкиот компас, и формирањето на неколку нови механизми во доменот на одбраната, а веќе овие денови гледаме и сериозни напори, но и значителни инвестиции во доменот на одбраната. На 5ти март, претставници на Европската комисија и Високиот претставник Борел ја презентираа првата Европска стратегија за одбранбена индустрија (European Defence Industrial Strategy), преку која ЕУ предвидува одредени мерки и активности во однос на одбранбената индустрија, со цел да има навремено достапни и корисни одбранбени ресурси. За остварувањето на оваа стратегија, ќе се одвојат 1.5 милијарди евра од буџетот на ЕУ, за периодот од 2025 до 2027 година.

            После овие бројки, нормално е да се запрашаме што се случува во Македонија, и каде се наоѓаме ние во оваа ситуација? Во однос на сопствените издвојувања за потребите на одбраната, ние сме во друштво на оние земји кои веќе издвојуваат 2% од БДП за потребите на одбраната, што всушност е исполнување на обврска која сме ја преземале како членка на НАТО. Како се трошат (се трошеле) средствата во Министерството за одбрана е друго прашање, на кое набрзо ќе имаме одговор. Во однос на одбранбената соработка со ЕУ, вреди да се истакне дека таа е постоечка, и треба да се операционализира преку потпишаниот Меморандум за разбирање за првиот билатерален проект помеѓу Македонија и Европскиот мировен фонд (European Peace Facility). Со тоа почнуваат активностите за реализација на поддршката во опрема за пешадиската баталјонска група на АРМ во вредност од девет милиони евра, која вклучува набавка на логистичка опрема, медицинска опрема, комуникациски-информатички системи, разузнавачки капацитети, инженерска опрема и опрема за изведување обуки.

            Како заклучок, гледајќи ги сите сериозни бројки кои ги споменав погоре, но и потребата и обврската која ја има една држава во однос на сопствената безбедносна политика, мораме да се однесување одговорно и домаќински со одбранбениот буџет и да ги постигнеме оптималните безбедносни стандарди за нашите граѓани.