• 27.07.2024 08:48

САРИСА

Прв македонски конзервативен портал

Честит празник Македонијо: 31 година слободна, суверена и самостојна Македонија!

„Нека ни е честита самостојна и независна Македонија!“ беа зборовите на претседателот Киро Глигоров кој на преполниот плоштад во Скопје пред 31 година ги официјализира резултатите од референдумот на кој македонскиот народ со огромно мнозинство од 95% од излезените 75,7 проценти се изјасни за осамостојување на Република Македонија од федеративна Југославија во која се распламтуваше граѓанска војна.

Претходно Собранието на Република Македонија на 25 јануари 1991 година со акламација ја донесе Декларацијата за независност. Независноста на Македонија прва ја призна Република Бугарија, по што следуваа признавања и од Турција, Словенија, Хрватска, Русија, Босна и Херцеговина…

Државноста на 17 ноември таа година беше утврдена со усвојувањето на Устав на Република Македонија, државата и монетарно се осамостои со воведувањето на денарот на 26 април 1992, како и со формирањето на вооружение сили.

На 8 април 1993 година Македонија со акламација во Генералното собрание на Обединетите нации беше примена за 181 полноправна членка на Светската организација под привремената референца Поранешна југословенска Република Македонија. Причина за тоа беше противењето од стрна на Грција на употребата на уставното име. Oттогаш Македонија беше призната под уставното име од над 130 држави, меѓу кои неа и три постојани членки на Советот за безбедност, САД, Русија и Кина, а воспостави дипломатски односи со 170 земји.

Нека ни е честит и вековит 8-ми Септември, Денот на независноста! Да живее Република Македонија!